Легендата на германскиот фудбал Лотар Матеус смета дека Златната топка за 2024 година треба да му биде доделена на играчот од средниот ред на Манчестер сити, Родри, а не на напаѓачот на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор, кој е големиот фаворит за ова признание.
„Ако Винисиус победи, тоа нема да биде големо изненадување. При гласањето за одредување на победникот секогаш голема тежина имаат постигнатите голови. Освојувањето на Лигата на шампионите и титулата во Ла Лига се главните адути на Бразилецот, но јас лично би го ставил на третото место“, коментираше Матеус.
„За мене Родри најмногу ја заслужува Златната топка. Тој беше лидерот на Шпанија на патот кон титулата на ЕВРО 2024, а исто така стана и шампион на Англија со Манчестер сити. Овие трофеи беа освоени благодарение на неговите одлични настапи“, објасни поранешниот ас на Баерн Минхен и на Интер.
Добитникот на „Златната топка“ ќе биде објавен на 28 октомври.