Матеус се чуди зошто мултимилионската инвестиција на Јунајтед ја грее клупата: Ќе му дадеме германски пасош

Лотар Матеус, германската фудбалска легенда, не може да се помири со фактот дека суперталентираниот Џејдон Санчо ја грее клупата на Англија и речиси да не е во плановите на селекторот Герет Саутгејт за ова Европско првенство.

Крилниот играч на Борусија Дортмунд запиша само седум минути од вкупно три меча во групната фаза, влегувајќи во финишот од победата над Чешка во последното коло. Наскоро треба да го оствари мултимилионскиот трансфер во Манчестер јунајтед според пишувањата на повеќе англиски медиуми, меѓутоа Санчо никако да добие шанса да го покаже својот квалитет на континенталниот собир.

Доколку Гордиот Албион не го користи, Матеус истакна дека Германија ќе му понуди пасош за да настапува за Панцерите во иднина.

„Во последните две години Санчо е еден од најдобрите играчи во Бундеслигата. Доколку не е доволно добар за Англија, ќе му дадеме германски пасош и нека игра за нас. Сите во Германија се изненадени, дали е можно еден таков фудбалер да не игра на ЕП и да грее клупа?“, истакна Матеус, а потоа прокоментира околу дербито меѓу Англија и Германија во осминафиналето, кое е закажано за 29 јуни.

„Англичаните имаат шанси, но доколку победникот се удлучува во пенал-рулет, Германија ќе се пласира понатаму. Секогаш сме фаворити кога се изведуваат пенали, Англија добро го знае тоа и верувам дека нема да дозволи дилемите да се решаваат на таков начин“, заврши легендата на Баерн Минхен.

Старите ривали ќе се сретнат на стадионот „Вембли“, на којшто Панцерите не знаат за пораз од Гордиот Албион дури 46 години, поточно од 12 март 1975 година.

- Оглас -

Најнови вести