Мбапе е решен да ја донесе титулата во Париз, Челзи со една нога во полуфиналето (видео)

Пари Сен Жермен со голема победа од 2-3 над европскиот првак Баерн Минхен се враќа во Париз и е на 90 минути од пласман во полуфиналето во Лигата на шампионите. Светците предводени од незапирливот Килијан Мбапе ги потопија Баварците на „Алијанц арената“ и направија голем чекор кон потполно реванширање за загубеното финале од ланската сезона.

Уште во третата минута Мбапе го најде патот до мрежата на Нојер, одлично го најде слободниот простор од голот и ја искористи асистенцијата на Нејмар. Тоа беше најава дека во Минхен ќе има фантастичен меч, а драмата се вжешти откако и Маркињос заби за 0-2 во 28-мата минута. Во првиот половина час, Навас делуваше неприкосновено пред својот гол, успеа да спречи две големи шанси на домаќините, но во 37-мата минута беше немоќен при ударот на Чупо-Мотинг, кој намали на 1-2.

Баерн тргна офанзивно во вториот дел за што побрзо да ја анулира негативата, но го стори тоа по еден час игра преку Милер, но Мбапе повторно имаше што да каже, па контранападот на Светците во 68-мата минута го претвори во нов водечки гол, со кој ги постави конечните 2-3.

Реваншот во Париз е закажан за следниот вторник исто така во 21 часот.

Челзи и Порто за шест дена повторно ќе се сретнат на „Рамон Санчес Писхуан“ во Севилја, а Сините како домаќини во тој меч ќе влезат со водство од 2-0 откако вечерва во гостинска улога рутинирано ги совладаа Змејовите.

Маунт со водечкиот гол во 32-рата минута стана рекордер на Челзи како најмлад стрелец на екипата во ЛШ со 22 години и 87 дена. Англискиот репрезентативец на одличен начин се ослободи од противникот и ја смести топката во подалечниот агол од голот на Марчесин.

Порто во второто полувреме само еднаш се закани кон голот на Менди, а Челзи увиде прилика да оствари посигурна победа, па Чилвел во 85-тата минута ја искористи грешката на домашната одбрана и погоди за конечни 2-0.

- Оглас -

Најнови вести