Мекинро со порака до американските политичари: Пуштете го Ѓоковиќ да влезе во САД

Новак Ѓоковиќ го освои трофејот на Вимблдон, но многу веројатно е дека тоа беше и негов последен Гренд слем турнир за оваа година. Поради законите кои ги имаат во САД, Ѓоковиќ како невакциниран странец нема да може да влезе во земјата.

Поради тоа што не е вакциниран против Коронавирусот, Србинот беше затворен во Мелбурн, а потоа и протеран од земјата, без шанса да игра на првиот Гренд слем во сезоната. Американците најавија дека не очекуваат Ѓоковиќ да игра на нивниот турнир затоа што не е вакциниран, но полека почнуваат протестите поради оваа одлука.

Прв кој јавно и гласно застана да негодува е легендарниот тенисер Џон Мекинро. Американецот упати порака до американските политичари да не се мешаат толку во спортот и да дозволат Ѓоковиќ да влезе во земјата и да игра на САД Опен.

„Политичарите премногу се мешаат во овие работи. Тоа го правеа и во Австралија. Пуштете го човекот да дојде во Њујорк и да игра. Луѓе, па ова е смешно“, е коментарот на Мекинро.

На САД Опен ќе може да играат невакцинирани домашни тенисери, но кога се работи за странци тие немаат дозвола за влез во земјата, а со тоа нема да може ниту да играат во Њујорк.

Последниот Гренд слем турнир во сезоната започнува на 29 август.

- Оглас -

Најнови вести