Мерак е да се игра на „Сент Мери“ – Осум гола и победа на Англија од 5:3 против Косово

Англија го победи Косово со 5:3 во вториот најефикасен меч во овие квалификации, со победничкиот на Германија против Естонија од 8:0.

Стадионот „Сент Мери“ по вторпат во овој милениум беше домаќин на Гордиот Албион, а публиката во Саутхемптон повторно присуствуваше на возбудлив меч, каков што беше тој во октомври пред 17 години, кога го видоа антологискиот гол на Артим Шаќири од корнер во ремито со Македонија 2:2.

Вечерва Косово не успеа да го повтори нашиот подвиг, но одигра сосема солидно. Гостите поведоа со 1:0 со голот на Валон Бериша во 35-тата секунда, а потоа доживеаја вистински потоп и Англија со пет гола го реши победникот уште по првото полувреме.

Блескаа Рахим Стерлинг со гол и три асистенции, Жадон Санчо со два гола и една асистенција и Хари Кејн со еден гол и едно прецизно додавање.

Кога се чинеше дека на Косово му се заканува бродолом, гостите постигнаа два гола за шест минути во второто полувреме и намалија на 3:5. Имаа уште неколку шанси, како и домаќините, а Хари Кејн утна пенал во 65-тата минута за 6:3.

Англија нема пораз на 43 меча по ред во квалификациите, а Косово го претрпе првиот пораз по 15 дуели во низа.

Во меч од истата група А, вечерва Чешка ја победи Црна Гора на гости со 3:0 и го прескокна Косово на втората позиција со 9 бода. Англија е лидер со 12 бодови од четири меча, а зад Чешка се Косово со 8 и Црна Гора и Бугарија со по два бода.

- Оглас -

Најнови вести