Меси и дружината со часови ќе се клацкаат во автобус

По девет години, екипата на Барселона повторно ќе мора на гостување да патува со автобус, а не со авион или воз, како што се навикнати. Овојпат Меси и другарите ќе се возат 617 километри од Барселона до баскиското место Еибар.

Генералниот штрајк во Каталонија го парализираше транспортот во таа автономна шпанска покраина, а тоа е проблем за Барса, која в сабота од 13 часот му гостува на Еибар. Во нормални околности, Барса би одела со чартер лет до Билбао, па останатите 40 километри до Еибар со авботус. Но, аеродромот и главната железничка станица во Барселона се блокирани од луѓето кои протестираат.

Претпоставката е дека патувањето до Еибар со автобус може да трае и осум часа, па веројатно тимот ќе треба да отпатува уште утре вечер.

Последен пат кога Барселона на гостување одеше со автобус се случи во 2010 година, на кобното гостување кај Интер во Милано од Лигата на шампионите. Тогаш авионите не летаа поради вулканскиот пепел и прашината кои се појавија над Европа по ерупцијата во Исланд. Барса загуби од Интер со 1-3 откако патуваше над 1.000 километри до Милано.

Каталонците веројатно само до Еибар ќе се возат со автобус. За враќање, патувањето ќе биде со авион бидејќи веќе в среда имаат гостување кај Славија во Прага. Веројатно нема да треба и до Прага да одат со автобус, тоа би било премногу.

- Оглас -

Најнови вести