Екипата на Ванкувер вајткапс ја искористи предноста на домашен терен и со 2:0 го победи Интер Мајами во првиот меч од полуфиналето на Купот на шампионите во КОНКАКАФ зоната.
Брајан Вајт, кој се наоѓа во одлична форма со шест постигнати голови на последните пет меча, го доведе тимот на Ванкувер во водство од 1:0 со погодок во 24-тата минута.
Статистички Интер Мајами имаше речиси 70 отсто посед на топката, но гостите сепак немаа идеја како да го загрозат голот на Ванкувер. Пред крајот на мечот, односно во 85-тата минута, се случи нов шок за Интер Мајами кога Берхалтер погоди за 2:0 за Ванкувер и одлична предност на канадскиот тим пред реваншот во Мајами.
Во тимот на Интер беше некогашниот квартет на Барселона, Лионел Меси, Луис Суарес, Серхио Бускетс и Жорди Алба, но ниту тие не успеаја да го срушат бункерот на домашниот тим. По мечот, тренерот на Интер Мајами, Хавиер Маскерано, призна дека ќе биде многу тешко во реваншот да се надомести негативата од два гола.
„Ќе се обидеме добро да го анализираме мечот, да видиме што се случи и каде згрешивме. Има уште еден меч и ќе се обидеме да се вратиме. Ќе биде тешко, но не е невозможно. Ќе играме на наш терен во Мајами и ќе се обидеме да победиме“, рече Маскерано.
Ова беше првпат за Интер Мајами, но и за Ванкувер да играат во полуфинале на Купот на шампионите.