Меси ја доби аргентинско-колумбиската војна и закажа финале против Бразил на Копа Америка (видео)

Аргентина ќе се бори за титулата на Копа Америка против Бразил на 11 јули откако Гаучосите ја елиминираа Колумбија во пенал-рулетот со 3-2, а по 90 минути игра двете селекции беа неразделни при 1-1. Меси и дружината закажаа четврто меѓусебно финале помеѓу двете јужноамерикански фудбалски велесили и ќе се обиде да ги тргне Кариоките од континенталниот трон со кој владее од 2019 година.

На Националниот стадион во Бразилија буквално се одвиваше војна на теренот, при што е забележан рекорд од вкупно 47 фаули и дури 10 доделени жолти картони на судијата Валенцуела. Аргентина прва повлече потег откако комбинацијата Меси-Лаутаро донесе водство во седмата минута, а дури по еден час игра Дијас ги постави конечните 1-1 за да се шутираат пенали.

Од кај Аргентинците промаши само Де Паул, а погодуваа Меси, Паредес и Лаутаро, додека вистински херој беше голманот Мартинес, кој одбрани три од петте обиди на Колумбијците, односно пенал не реализираа Санчес, Мина и Кардона.

Аргентина му ја исполни желбата на Нејмар да се сретнат во големото финале ноќта меѓу сабота и недела, на 11 јули во 2 часот по полноќ, додека 24 часа порано Колумбија и Перу ќе се борат за третото место.

- Оглас -

Најнови вести