Меси креира најлуд план во Барселона, на клупата треба да седне Лудакот

Доколку Барселона не успее да ја освои Лигата на шампиони, дефинитивно ова за нив ќе биде една од најнеуспешните сезони во последните десетина години. Каталонскиот гигант го загуби тронот во Примера, нема да го освои ни Купот на Шпанија, а единствена шанса за трофеј е ЛШ, каде е навистина тешко да се стигне до тронот.

Многумина како најголем виновник за лошата сезона на Барселона го гледаат тренерот Кике Сетјен. Голем е притисокот за Сетјен да добие отказ, а веќе се шпекулира околу неговите можни наследници. Последна од приказните кои се плетат е дека на чело на Барселона може да застане Марсело Бјелса.

Аргентинскиот тренер сезонава е хит во Англија, откако успеа да го врати Лидс во Премиер лигата и тоа по пауза од 16 години. Бјелса речиси 40 години е во тренерската работа, а во кариерата бил предводникна Велез Сарсфилд, Еспањол, Атлетик Билбао, Олимпик Марсеј, Лацио и Лил. Шест години беше и селектор на Аргентина, а четири години работеше и како предводник на репрезентацијата на Чиле.

Бјелса во 2012 година беше како можен кандидат за тренер на Барселона, откако каталонскиот гигант бараше замена за Пеп Гвардиола. Бјелса тогаш беше на чело на Атлетик Билбао со кој стигна до финалето на Купот на Шпанија, но и во финалето на Лига Купот. Сепак, таа сезона на чело на каталонскиот гигант застана Тито Виланова, а аргентинскиот стратег остана во Билбао.

Тренерот кој го има прекарот Лудак е роден во Росарио, град од каде што потекнува и Лионел Меси. Иако никогаш не работеле заедно, Меси многу го почитува Бјелса и според пишувањата, капитенот на Барселона агитира на клупата на Барселона во новата сезона да дојде тикму Лудакот од Росарио.

 

- Оглас -

Најнови вести