Меси освои 33 титули со Барселона, а како последен меч може да му биде најтешкиот пораз во кариерата

Кога ќе се спомне името на Лионел Меси, веднаш првата асоцијација е Барселона и трофеите. Во 16-годишната професионална кариера, Меси со Барселона освои дури 33 трофеи, што значи дека во просек секоја година по два нови пехари завршуваа во трофејните витрини на „Камп ноу“.

Сезонава Барселона не освои ниту еден трофеј, а на последниот меч што го одигра, доживеа дебакл каков што клубот не памти 76 години. Во четвртфиналето од Лигата на шампионите, Барселона со 8:2 беше понижена од Баерн и по повеќе од седум и пол децении прими осум погодоци на еден меч. Тоа беше капак на очајната сезона, сезона на каква што не е навикнат Меси.

Од 2004 година, кога се појави на теренот на „Камп ноу“, Меси со Барселона ги освојуваше сите најзнајачни трофеи. Каталонскиот гигант дури 10 пати беше првак на Шпанија, шестпати се радуваше на трофејот во Купот, а седумпати на Суперкупот на Шпанија. На меѓународна сцена, Барселона со Меси освои четири титули во Лигата на шампионите, три во Суперкупот на УЕФА и уште три на Светското клупско првенство. Вкупно 33 трофеи се досега за Меси како играч на Барселона, а многу веројатно дека тоа ќе биде и бројката по која ќе се памти Меси во дресот на Барселона.

- Оглас -

Најнови вести