Како се намалува минутажата на Лука Модриќ во Реал Мадрид, така се засилуваат шпекулациите за негов можен трансфер, а како најверојатен потенцијален нов клуб на Хрватот се спомнува Интер Мајами.
Модриќ во неколку наврати има кажано дека сака да се пензионира во Реал, летоска одби понуда од Саудиска Арабија, но можеби се чувствува измамен од Кралскиот клуб, кој му ветил дека ќе има сериозна улога и сезонава, но не е така.
Лука не е навикнат на новата улога, често е на клупата за резерви, само против Атлетико беше стартер, а Реал загуби на тој меч.
Некогашниот играч и директор на Реал, Предраг Мијатовиќ, потврди дека интерес за Модриќ има од МЛС-лигата и од Саудиска Арабија, а наводно и Лионел Меси побарал од Интер Мајами да го купи Модриќ.
„Меси е заинтересиран да игра со Модриќ. Лука неодамна се сретна со Бекам во Хрватска, заедно ручаа. Повеќе клубови од САД се заинтересирани, но еден посебно“, откри Мијатовиќ.