13.8 C
Skopje
петок, 11 јули 2025

Меси во Парагвај пречекан како крал, но Аргентина не победи (Видео)

Бразил продолжува со перфектен биланс во квалификациите за пласман на Светското првенство во Катар откако со 3:1 славеше на гостувањето кај Венецуела. За Бразилците ова беше деветта победа во девет одиграни меча и речиси веќе има обезбедено место на завршницата на Мундијалот, кој ќе се игра следната година.

Ерик Рамиреш погоди за водство на Венецуела, а домаќините предноста ја чуваа до неполни 20 минути пред крајот, кога се разиграа Кариоките. Најпрво Маркињос израмни на 1:1, а потоа следуваа уште два гола за гостите. Габриел Барбоса погоди во 85-тата минута за комплетен пресврт, а Антони со погодок во судиското надополнување го потврди триумфот на Бразил, кој има максимални 27 бодови со гол-разлика од 22 дадени и само три примени погодоци.

Аргентина не успеа да го скрши отпорот на Парагвај, а мечот заврши без погодоци. Лионел Меси имаше спектакуларен дочек пред стадионот, и тоа од страна на навивачите на Парагвај. Тие скандираа Меси додека автобусот со гостинските фудбалери пристигнуваше на стадионот.

И Гаучосите се без пораз во овие квалификации, но ова беше четврто нивно реми во деветиот меч. Аргентина е втора на табелата со 19 бодови и е во добра позиција за обезбедување место на СП 2022.

https://twitter.com/i/status/1446244444957601806

Еквадор стигна до третото место на табелата, откако без проблеми со 3:0 ја победи Боливија и сега има 16 бодови, колку што има и Уругвај, кој дома ремизираше без голови против Колумбија. Перу со 2:0 го победи Чиле во дуел на две селекции кои се со мали шанси за место на Мундијалот.

Табела: Бразил 27 бодови (9 меча), Аргентина 19 (9), Еквадор 16 (10), Уругвај 16 (10), Колумбија 14 (10), Парагвај 12 (10), Перу 11 (10), Чиле 7 (10), Боливија 6 (10) и Венецуела со 4 бода од 10 натпревари.

 

- Оглас -

Најнови вести