„Металците“ на гостувањата се како јагниња

Второ гостување и втор пораз за МЗТ Скопје Аеродром во втората АБА-лига. Вечерва македонскиот вицепрвак беше надигран од Зрињски со 87:93.

Ако на претходното гостување МЗТ испушти добиен меч и беше поразен во продолжението, во Мостар беа разбиени уште во првата четвртина, а добро одиграа само во завршницата, кога бркаа огромна негатива. За Зрињски тоа е прва победа сезонава и првпат дадоа над 78 поени.

MЗТ поведе со 3:0, а потоа противникот направи серија од 14-0, која не запре ни со задоцнетиот тајмаут, па домашните дадоа уште една тројка за 17:3. Миличевиќ во првите шест и пол минути даде четири тројки за водство од 23:7 и затоа Аеродромци можеа да бидат задоволни што првата четвртина ја завршија со едноцифрена негатива.

Зрињски беше во одличен ритам и тоа го потврди и во втората четвртина, па повторно се одлепи и на пауза замина со плус 15. Во првото полувреме, босанскиот првак даде девет тројки.

Третиот квартал се играше со серии на двете страни. Зрињски побегна на 58:39, МЗТ одговори со серија од 10-0, но налетот го запре Рамљак со неверојатни 15 поени за четири и пол минути и се чинеше дека на Аеродромци веќе им нема спас.

МЗТ се закани во финишот. На 1,12 до крајот, намалија на 81:86, Рамљак даде тројка, но Симоновски погоди две тројки за 89:87. На 16 секунди до крајот, Рамљак ги погоди двата пенали и го одлучи победникот, иако можна ќе беше драма ако Симоновски го погодеше шутот за тројка.

Кај МЗТ се истакнаа Иванов со 26, Симоновски со 20 и Младеновски со 14 поени, додека Медфорд имаше 10 асистенции. Бојиќ воопшто не влезе во игра во второто полувреме. Најефикасни во победничкиот тим беа Рамљак со 35 и Миличевиќ со 25 поени.

КОЖУВ ТРГНА СО ПОРАЗ ВО БИБЛ

Кожув загуби од Берое со 62:69 во првиот меч сезонава на гевгеличани во БИБЛ. Радуловиќ имаше 19 поени, но само тој беше двоцифрен во гевгелискиот тим. Кај Берое, резервите дадоа вкупно само 7 поени, но расположени беа Американецот Франкамп со 26 поени и Канаѓанецот Бачински со 15 поени и 16 скока.

Следниот меч на Кожув е на седми ноември, дома против албанска Теута, која добро тргна со 2-0.

- Оглас -

Најнови вести