МЗТ Скопје Аеродром в сабота од 20 часот гостува кај Црвена ѕвезда и со тоа ќе го има официјалното враќање во регионалната АБА-лига по пауза од четири години.
На денешната прес-конференција, директорот Филип Ѓорески кажа дека целите на МЗТ се напад на сите трофеи во домашните натпреварувања и достојно презентирање на макбаскетот во јадранската лига.
„Да не создаваме притисок, секоја победа во АБА-лигата за нас е успех“, вели Ѓорески.
Тренерот Александар Петровиќ има проблеми со составот, против Ѕвезда нема да играат бекот Адем Мекиќ и центарот Еван Максвел, кои се повредени. Особено отсуството на Максвел е проблематично, па во клубот размислуваат да ангажираат нов центар доколку повредата на Американецот е тешка и бара долга пауза.
„Пред нас е една интересна и тешка сезона. Веќе освоивме еден трофеј на домашна сцена, ќе атакуваме и на останатите два. АБА-лигата е во топ 3 лигите во Европа, целта ни е да опстанеме во таа лига. Ѕвезда има можеби и 10 пати поголем буџет од нашиот, но нема да одиме во Белград со бело знаме. Имаме пеколен старт во АБА-лигата, во првите пет кола играме со четирите тима, кои се главни фаворити. Посакувам играчите да ги служи здравје и да имаме помалку повредени играчи“, рече Петровиќ.
Тој додаде дека МЗТ е подмладен и филозофијата е со многу трчање и надигрување со противниците.
Капитенот Дамјан вети дека играчите на секој меч ќе го даваат максимумот.
„Ветувам дека ќе даваме максимум и дека одиме на победа на секој меч. Секоја победа во АБА-лигата ќе биде и победа на макбаскетот“, рече Дамјан.
Продажбата на сезонски билети почнува утре и ќе бидат по цена од 2.000 и 2.500 денари, а уште не е одредена цената на билетите за првиот домашен меч против Партизан.