Тимот на Жирона ќе мора да биде многу агресивен и да работи повеќе од тимот на Ливерпул ако сака да го добие претстојниот дуел во Лигата на шампионите. Ова го изјави тренерот на шпанскиот тим, Мичел, ден пред натпреварот на стадионот „Монтиливи“.
„Сакам да видиме агресивен тим на Жирона, и со топка и без неа. Ливерпул доминира против своите противници, но јас претпочитам ние да ја враќаме топката што е можно побрзо откако ќе ја загубиме“, изјави Мичел.
Тој додаде дека ќе биде сосема во ред да има периоди од натпреварот во кои неговиот тим ќе се брани, но тоа не може да биде нивниот генерален пристап во текот на целиот натпревар.
„Можеби ќе има моменти кога ќе се браниме, но не смееме да го изгубиме духот. Се надевам дека и публиката ќе одигра голема улога во овој историски момент. Навивачите се тие кои можат да нè мотивираат и да им помогнат на играчите. Само треба да ја покажеме нашата најдобра верзија. Мислам дека за секој тренер или фудбалер е сон да игра против Ливерпул, било како домаќин или на Енфилд“, дополни Мичел.