Михајловиќ: Ќе умрев ако докторите не ми дозволија да се вратам на клупата на Болоња

Синиша Михајловиќ е еден од најголемите херои во светскиот фудбал за минатата сезона. Српскиот стратег на клупата на Болоња, имаше кошмарно ланско лето. Непосредно пред почетокот на сезоната, на Михајловиќ му беше соопштено дека боледува од леукемија.

Како фудбалер беше докажан борец, па тренерот реши дека нема да се предаде против смртоносната болест. Откако му беше пресадена коскена срж, тој побара веднаш да се врати на клупата на Болоња, сакајќи да докаже дека нема да се предаде.

„Ако тој 25 август не се појавев на клупата да ја водам екипата, ќе умрев. Дури иако бев изнемоштен, морав да покажам дека сум силен и дека ќе се борам до крајот. Засекогаш ќе бидам благодарен на донаторот на коскената срж. Не знам кој е, но ми го спаси животот“, рече Михајловиќ.

И за време на терапиите кои ги примаше, Михајловиќ добиваше дозвола да излезе од болница и да биде на клупата на калчолигашот. По успешното закрепнување од опасната болест, Србинот се зарази и со Коронавирусот, но успеа без поголеми проблеми да се справи и со опасниот вирус.

 

- Оглас -

Најнови вести