Милан е во минус од 730 милиони евра

Некогашниот европски и италијански првак Милан, реши да се обиде да се врати на стартите триумфални патеки со тоа што почна да ги враќа своите легенди. Во клубот сега работат Паоло Малдини и Леонардо, а тренер е Џенаро Гатузо. И додека се обидуваат да донесат нови радости кај навивачите, многу очигледно е дека допрва ќе следува тежок период за „росонерите“.

Од Милан денеска соопштија дека минатата сезона работеле со дури 126 милиони евра во загуба, што сепак е за 53 милиони евра помалку од претходната година. За тоа во каква финансиска криза е тимот од „Сан Сиро“ покажуваат бројките и од претходните сезони. Во последните пет години клубот загубил 460 милиони евра, а таа бројка за последните 14 години изнесува неверојатни 730 милиони евра.

Од доаѓањето на новите сопственици пред шест месеци, американскиот конзорциум Елиот, кој дојде на местото на Кинезот Ли Јонг Хонг, загубата е намалена на 22,3 милиони евра. Ли беше прв човек на Милан цели две години. Кинезот го купи клубот од Силвио Берлускони, но не само што не успеа да го извлече од криза, туку „росонерите“ повеќе пропаднаа.

- Оглас -

Најнови вести