Миленкоски: Треба да бидеме задоволни од резултатот што го постигнавме

Одбојкарската репрезентација на Македонија со пораз од Чешка го заврши настапот во групата Ц на Европското првенство, која се играше токму во Скопје и на крајот го освои четвртото место, кое ја однесе на осминафинална пресметка со главниот фаворит за титулата, актуелниот европски и светски шампион, Италија.

Селекторот Јошко Миленкоски е горд на тоа што го постигнаа неговите избраници, остварија две победи во групата, над Данска и Црна Гора, а загубија од Полска, Холандија и вечерва од Чешка, но обезбедија историски пласман во осминафиналето.

„Чешка беше подобра вечерва, тие на две ЕП по ред постигнуваат големи резултати. Сите нивни репрезентативци играат во силната полска лига. Да бидам искрен, и посакував во осминафиналето да играме против Италија бидејќи тие се светска велесила. Тука во Скопје игравме против уште една велесила, Полска, а сега нè очекува и дуел со Италија во којшто ќе уживаме. Тоа што беше најважно, имавме прекрасна атмосфера, благодариме на поддршката. Ова се нашите можности, а можеби не стигна и заморот. Треба да бидеме задоволни од резултатот што го постигнавме, имавме добри моменти, а имавме и сетови кога не можевме да парираме кога противникот е супериорен и тука не можеш ништо да направиш“, изјави селекторот Миленкоски.

 

- Оглас -

Најнови вести