Милевски има нов проблем пред дебито како селектор на Македонија – Николов е позитивен на ковид-19

Бобан Николов е позитивен на ковид-19, што е нов проблем за македонската фудбалска репрезентација и за новиот селектор Благоја Милевски пред трите септемвриски квалификациски дуели за настап на Мундијалот во Катар.

Новиот играч на Шериф Тираспол ќе мора во карантин, но веројатно ќе биде на списокот со репрезентативци што денеска попладне ќе го објави Милевски.

Тоа е нов проблем пред многу важните натпревари со Ерменија и Романија во Скопје и против Исланд во Рејкјавик, што ќе се играат на почетокот на идниот месец во кус рок од една седмица.

И Аријан Адеми не е комплетно фит по повредата што ја заработи во јули на мечот за Динамо Загреб против Омонија во квалификациите за пласман во Лигата на шампионите.

Адеми денеска, според најавите, ќе биде на клупата за резерви кај популарните Модри токму за реванш-дуелот со Шериф.

Милевски ќе дебитира како селектор на А репрезентацијата на Македонија на втори септември против лидерот во нашата група, Ерменија, во Скопје.

Потоа му гостуваме на Исланд на петти септември во Рејкјавик, па ќе го завршиме септемврискиот циклус со меч во Скопје против Романија на 8 септември.

По три одиграни кола во Ј групата, нашата репрезентација е на второто место со шест бода, колку што има и Германија. Лидер е Ерменија со 9 бода, а Романија и Исланд имаат по 3. Лихтенштајн, кој е апсолутен аутсајдер, е со три порази.

 

- Оглас -

Најнови вести