Милевски: Мора да бидеме совршени на секој дел од играта и на теренот ако сакаме позитивен резултат

Македонија победнички започна во квалификациите за пласман на Светското првенство 2026 година. Победен е Лихтенштајн, а сега желбата е да се освојат нови три бода, против Велс, утревечер во Скопје.

Селекторот Благоја Милевски е умерен оптимист и најавува претпазлива игра против островската селекција.

„Добро ја анализиравме играта на Велс не само на мечот против Казахстан. Мислам дека сме подготовени. Треба да бидеме совршени на технички, тактички план, во тркачкиот дел и треба да сме фокусирани максимално ако сакаме да се надеваме на подобар резултат. Не се чувствуваме како фаворити. Според ранкингот, нивното искуство на големи натпреварувања и според клубовите во коишто играат, фаворитската улога апсолутно е кај нив, но во фудбалот и спортот не победуваат секогаш фаворитите кои се на хартија“, вели Милевски.

Селекторот знае дека ова ќе биде емотивен меч за сите.

„И пред мечот со Лихтенштајн реков дека емоциите се тука. Самата подготовка за овие мечеви беше посебно тешка како за мене така и за фудбалерите. По дуелот со Лихтенштајн реков дека ова против Велс е можеби најтешкиот меч што ќе го играме во групата. Ако можеме да им се оддолжиме на некој начин е сите заедно утре да им дадеме поддршка на семејствата на настраданите“, додаде Милевски.

- Оглас -

Најнови вести