Милевски почна скромно и во 2016 година со пораз од Исланд, сè потоа беше историја

Многу критики за тактиката и изборот на играчи има за новиот селектор на А репрезентацијата на Македонија, Благоја Милевски, по ремито против Ерменија без голови.

Популарниот Сер Боби дебитираше на клупата на сениорите со нерешен резултат во игра што не ни донесе комплетен успех, иако имавме огромен процент на посед на топка од околу 65 проценти.

Имаше доста слабости во играта и грешки и на фудбалерите и на селекторот, па секоја критика што е умерена е добредојдена за да се извлечат поуки и да се коригираат работите во од. Сепак, свирежите и навредите упатени кон репрезентативците и селекторот се разочарувачки и оставија темна дамка на мечот и по него.

Квалификациите сè уште се во тек, Македонија има шанси да остане во игра за настап на Мундијалот во Катар, а веќе на петти септември играме со Исланд во Рејкјавик.

Токму против Исланѓаните, но со селекцијата до 21 година во 2016 година, Милевски тргна во квалификациски циклус со пораз, а сè потоа беше историја за македонскиот фудбал.

Во квалификациите на младите селекции за играчи до 21 година тогаш на стартот загубивме од Исланд со 3:0, а потоа златната генерација млади фудбалски јунаци уриваше сè пред себе и направи подвиг што се памети.

Во конкуренција на моќната Франција, потоа и на Исланд, Украина, Северна Ирска и Шкотска, избраниците завршија како први во групата и играа на Европското првенство во Полска во 2017 година.

Од поразот против Исланд, Македонија не загуби ниту еден меч и со шест победи и три ремија и 21 бод приреди првокласна сензација претркувајќи ја велесилата Франција за еден бод, потоа и сите останати селекции од нашата група.

Вчера Милевски повторно дебитираше на клупата на репрезентацијата, овојпат со сениорите и забележа реми. При изборот на играчи не можеше да смета на еден од клучните играчи, Аријан Адеми, Бобан Николов не беше во конкуренција поради ковид-19, а не игра ниту Илија Несторовски, кој како и Адеми е повреден.

На теренот се почуствува и остуството на Горан Пандев, капитенот и лидер на генерацијата фудбалери што играат на Европското првенство ова лето, откако 38-годишната македонска фудбалска легенда се прости од националниот дрес.

Македонија со 7 бода од четири меча останува во трка за настап на Мундијалот во Катар, а за два дена ќе гостуваме во Рејкјавик, па потоа на 8 септември да ѝ бидеме домаќини на Романија.

По четири кола, Ерменија со 10 бода е лидер во нашата група, пред Германија со 9, Македонија со 7, Романија со шест, Исланд со три и Лихтенштајн без бодови.

 

- Оглас -

Најнови вести