Милионерите не отстапуваат – Бараат 120 милиони евра за Санчо и тоа до 10 август

Борусија Дортмунд објави дека ќе ги разгледа сите понуди за Џејдон Санчо што ќе пристигнат до 10 август, а потоа нема да се преговара за трансфер на еден од најдобрите млади играчи во Европа.

Милионерите, според германските и англиските медиуми, засега имаат конкретна понуда само од Манчестер јунајтед и таа тежи околу 100 милиони евра.

Тоа е за 20 милиони евра помалку од цената што ја одреди Борусија Дортмунд и од која засега бундеслигашот не отстапува.

Санчо најави дека сака да си замине и да игра за Црвените ѓаволи, но за камбек во татковината засега фалат 20 милиони евра.

Џејдон има само 20 години и со него Борусија Дортмунд направи одличен потег кога во август 2017 година го купи од Манчестер сити само за 10 милиони евра.

Крилото на Борусија сега вреди десеткратно повеќе, откако во меѓувреме одигра 78 натпревари за Милионерите и постигна 30 голови.

Одличните настапи во Бундеслигата, но и во Лигата на шампионите, во последните три сезони му донесоа на Санчо и брз пробив до дресот со национални обележја, па за Англија веќе одигра 11 мечеви со два постигнати гола.

- Оглас -

Најнови вести