Навивачите на Реал Мадрид со нетрпение го чекаа дебито на младиот Турчин Арда Ѓулер, но тоа не се случи синоќа иако имаше услови за такво нешто, Кралскиот клуб имаше комотно водство од 3-0 и дуелот со Брага не беше со преголем интензитет.
Милиони љубители на фудбалот во Турција седеа будни до 1 часот по полноќ за да го видат Ѓулер првпат како игра за Реал и останаа разочарани, Анчелоти не му даде шанса иако најавуваше дека ќе го стави во игра.
По мечот, Анчелоти го прегрнуваше Ѓулер, а на прес-конференцијата ја објасни својата одлука.
„Внимателни сме со него, ќе дојде и неговото време, ќе игра кога ќе биде 100 проценти спремен. Тој имаше сериозна повреда, одржа само четири тренинзи со екипата“, рече Анчелоти.
Ѓулер беше по 90 минути на клупа против Рајо Валјекано и Брага, можеби в сабота против Валенсија ќе биде трета среќа и конечно ќе дебитира.