Милнер: За првпат во мојот живот ќе навивам за Манчестер јунајтед

Четврток е „денот Д“ за Манчестер сити. Англискиот првак се соочува со Манчестер јунајтед во градското дерби, во вонредното коло од Премиер лигата. Само триумф ќе ги одржи „граѓаните“ во трка за шампионската титула, а при евентуален кикс на Сити, Ливерпул на три кола до крајот ќе биде во пол-позиција речиси по три децении да ја освои толку посакуваната титула.

Во пресрет на овој меч се јави Џејмс Милнер, фудбалерот на Ливерпул, кој со Сити беше шампион на Англија во два наврати. Тој вели дека за првпат во неговиот живот ќе навива за Јунајтед, иако пет години ги бранеше боите на големиот ривал на „црвените ѓаволи“.

„За првпат во мојот живот ќе навивам за Манчестер јунајтед. Но, нема да го гледам натпреварот, мислам дека безпотребно би трошел енергија да чекам друг тим да постигне гол или да победи. Додека тие играат, јас ќе излезам некаде на вечера, па дури на крај ќе го проверам резултатот“, истакна Милнер.

Остануваат уште три натпревари до крајот на сезоната во Премиер лигата. Ливерпул по 35 меча е на чело на табелата со 88 бода, Сити има два бода помалку, а токму по дербито со Јунајтед ќе се израмнат со „црвените“ по бројот на одиграни средби.

Јасно е дека Сити ќе атакува на три бода за да може да биде на врвот со минимална предност од еден бод пред екипата на Јирген Клоп, додека избраниците на Оле Гунар Солскјер се во мисија да избијат на четвртата позиција која води во Лигата на шампионите.

Дербито на „Олд трафорд“ е закажано за утре, со почеток од 21 часот.

- Оглас -

Најнови вести