МКФ на 15 мај добива нов претседател

Управниот oдбор на Македонската кошаркарска федерација одлучи Изборното собрание да се одржи на 15 мај, а го наименува Горан Трпушевски за комесар за натпреварување. Потврдено е сениорската женска репрезентација да се пријави за следниот циклус на квалификации за Европско првенство 2021, како и на клубовите должници да им се дозволи да платат на четири рати.

На претстојното Собрание, најверојатно ќе се донесе одлука и за менување на името на Федерацијата.

Најинтересно е што нема да се чека крајот на сезоната во домашното првенство, туку изборот на претседател ќе се направи среде Суперлигата. Новина е што секој член на собранието може да поддржи кандидатури на повеќе кандидати, но при гласање, ќе има право да гласа само за еден кандидат. Докумените за собранието ќе им се испратат на сите членки најдоцна до 30 април.

Засега само нашиот најдобар кошаркар Перо Антиќ и актуелниот спортски директор на МКФ, Владимир Темелковски, јавно се произнесоа дека ќе се кандидираат, а можеби и Петар Наумоски ќе обиде да добие нов мандат.

Одлуката за разрешување на Комесарот за натпреварување во сениорски и младински лиги Владо Цветковски беше усвоена без забелешки. Предлогот за именување в.д. комесар не се усвои поради тоа што не е утврдено со Статутот на МКФ. Во актите на МКФ не постои вршител на должност комесар, па Горан Трпушевски е назначен за Комесар за натпреварување во сениорски и младински лиги.

- Оглас -

Најнови вести