Младите осоколени пред гостувањето кај „соколчињата“ во Црна Гора

Македонската репрезентација за фудбалери до 21 година, во Подгорица се подготвува за натпреварот против Црна Гора од квалификациите за Европското првенство 2021 година. По убедливиот триумф од 7-1 против Фарски Острови на отворањето на циклусот, нашата репрезентација се надева дека победничката низа ќе продолжи и по натпреварот во главниот град на Црна Гора, закажан за задутре од 17 часот.

Капитенот Јани Атанасов и напаѓачот Дарко Чурлинов велат дека овој дуел мора да се сфати максимално сериозно и целосно фокусирани на нашата игра.

„Најважно е што сите сме здрави, нема повредени и максимално сме посветени на тренинзите и исполнувањето на задачите од стручниот штаб. Би било идеално доколку со победа на гостински терен ги продолжиме квалификациите и ќе дадеме сѐ од себе тоа да го постигнеме. Треба да покажеме карактер и да го искористиме секој момент што како шанса ќе ни се укаже. Црна Гора е квалитетна, доволно се познаваме, ние имаме цел да победиме и се надевам дека ќе успееме“ – изјави Атанасов.

Чурлинов смета дека противникот не е посилен од македонската репрезентација.

„Треба да одиграме машки и многу фокусирано на секој дел од теренот. Иако отворивме во квалификациите со убедлива победа, сепак, имавме некои грешки и на тој натпревар што против Црна Гора не смееме да ги повториме. Важно е да одиграме како тим и сите заеднички да придонесеме во играта за да успееме да освоиме три бода“ – вели Чурлинов.

Денеска македонската репрезентација ќе тренира од 16 часот, а официјалниот тренинг е утре од 17.

- Оглас -

Најнови вести