Селекцијата А на Ерменија си замина со пораз од Скопје, а во нашиот главен град пристигнаа наследниците на Мхитарјан, Барсегјан, Пицели.., односно младите фудбалери на оваа земја до 21 година на нов меч против Македонија.
Утре од 15.30 часот, на теренот на ФФМ, младинските селекции на Македонија и Ерменија ќе играат меѓусебе само за престиж, бидејќи и двете репрезентации немаат шанса за пласман на ЕП 2019.
„Очекувам тежок меч, сосема поинаков од првиот дуел што го добивме во Ереван со 3-0. Ерменците се консолидираа во продолжението на квалификациите, имаат 7 бодови, за разлика од нас. Кај нас во тек е процес на изградба на една нова репрезентација од која очекуваме резултати во следниот циклус. Утрешниот противник има генерација повозрасни играчи, но ние со играта против Србија покажавме дека имаме квалитет. Одигравме добро против Србија, но за мене и за сите нас, несреќно загубивме. Сплет на околности нè доведе до пораз. Тоа ни најмалку не ја разниша атмосферата, туку напротив, ни даде импулс да веруваме дека можеме да се носиме со сите селекции. Очекувам дека можеме да се надигруваме со Ерменија и да покажеме дека имаме квалитет.
Македонија е во процес на транзиција и вклопување на помладите генерации играчи, повеќето од нив од суперталентираната селекција до 19 години. Имаме комбинација од две генерации, а интересно е што Добринко Илиевски му беше асистент на селекторот Вујадин Станојковиќ во генерацијата до 19 години, а и селектор на У-17 и У-18 и одлично ја познава состојбата кај младите категории. Овој циклус на натпревари е загубен, имаме само три бодови од седум натпревари и сме на делба на последното место со Гибралтар, но значајно е да се подготви една одлична генерација фудбалери за идните предизвици.