Модриќ: Бејл е среќен во Реал Мадрид

Хрватскиот фудбалер Лука Модриќ се постави во улога на адвокат на Герет Бејл и рече дека неговиот клупски колега во Реал Мадрид се чувствува одлично и дека нема намера да си замине во јануарскиот преоден рок.

Многумина го тврдат обратното, дека Бејл е несреќен, дека има лош однос со Зинедин Зидан и сака што побрзо да си замине, па очигледно во Шпанија некој не ја кажува вистината. Новинарите тврдат дека Бејл не знае шпански, дека се договорил со кинески клуб, а и дека лаже дека е повреден. Но, Модриќ не е на иста линија.

„Јас и Герет сме слични, скромни сме и не зборуваме многу. Тој го разбира и го зборува шпанскиот јазик. Атмосферата во соблекувалната е добра и Герет добро се разбира со сите нас. Тој е задоволен што е член на најдобриот клуб на светот“, изјави Модриќ.

Поранешниот шеф на лекарскиот тим на Реал, Алфонсо де Корал, смета дека честите повреди на Бејл се резултат на неговото играње голф во деновите кога треба да одмора.

„Тој ги преоптоварува глуждовите и листовите на ногата поради положбата која ја зазема при играњето голф. Да бев лекар на Реал, ќе му забранев да игра голф. Телото му дава знаци и кога нема болки, тоа се одразува на брзината при трчањето, а голфот прави проблеми и на грбот“, вели Дел Корал.

- Оглас -

Најнови вести