Модриќ откри дека три години не зборувал со Манџукиќ

Лука Модриќ и Марио Манџукиќ се едни од најзаслужните играчи за успесите на хрватската репрезентација во изминативе години. Двајцата покажаа дека се одлични фудбалери и дека може да бидат лидери на теренот, а со своите потези да го решат мечот.

Иако соиграчи во репрезентацијата, а во еден дел од кариерата и сограѓани во Мадрид, Модриќ и Манџукиќ не зборувале цели три години. Модриќ во својата автобиографија зборува за односот со Марио и која била причината што толку долго не зборувале.

„Целата ситуација се случи за време на гостувањето кај Исланд. Се сретнав со Марио пред лифтот во хотелот и му реков „Ајде Марио, одиме денеска јако“. Така многу често се бодриме меѓусебе сите играчи. Сепак, Манџукиќ тогаш ме изненади со реакцијата: „Само ти гледај си за себе, остај ме мене“. Тогаш настана тишина. Немав логично објаснување зошто така ми врати. Со Марио секогаш сум имал добар однос и до тој момент постојано бевме во контакт. Потоа се случи заладување на односите. Да го имам сегашниот памет, таа ситуација ќе ја расчистев уште на следниот собир на репрезентацијата. Но, тогаш бев лут. Кога ќе се сретнат два тешки карактери и ќе се случи краток спој, снемува енергија. Не сакав да го повлечам првиот потег, а очигледно не сакал ни тој“, објаснува Модриќ.

Целата таа ситуација траела три години.

„Го дочекав вистинскиот момент и прв решив да му пријдам. Му реков дека ми е жал што немаме близок однос како порано и што комуницираме само службено. Отворено разговаравме за секоја ситуација и сфативме дека проблемот настанал од ништо. Јас мислев дека тој ми се лути на мене, а тој мислел дека јас сум му лут“, открива Лука Модриќ за една чудна ситуација во репрезентацијата на Хрватска.

 

- Оглас -

Најнови вести