Модриќ уште една година во Реал

Лука Модриќ наводно ги договори условите со Реал Мадрид за продолжување на соработката до јуни 2022 година, една година плус од неговиот актуелен договор со кој е врзан на „Сантијаго Бернабеу“.

„Марка“ тврди дека освојувачот на Златната топка во 2018 година ја убеди управата да му понуди нов договор со своите одлични игри кои ги покажа во изминатиот период.

„Настапите на Модриќ во изминативе неколку месеци, неговата зрелост, искуството на теренот и улогата на лидер, беа доволни за управата да се убеди дека заслужува нов договор. Хрватот имаше мајсторски настапи и покажа дека е незаменлив во составот на Зидан“, пишуваше во вчерашното издание на „Марка“.

Со новиот договор Модриќ ќе го дочека својот 37-ми роденден во Мадрид и веројатно таму ќе ја заврши кариерата.

Платата ќе му биде помала, што е неважен фактор за Модриќ, кој веќе одби побогати понуди од МЛС лигата, само за да остане член на 13-кратниот европски првак. Од 2013 година кога го облече белиот дрес, Модриќ запиша вкупно 363 настапи во кои забележа 25 погодоци и 56 асистенции, при тоа закитувајќи се со бројни трофеи.

- Оглас -

Најнови вести