Во ноќта кога најголемите ѕвезди од НБА-лигата се појавија на паркетот во Атланта и приредија вистинско шоу на олстар-натпреварот, првото име на ЛА клиперс, Кавај Ленард, го потврди својот план за налето. Ленард го очекува бурно лето со оглед на тоа дека планира да дебитира на Олимписките игри во Токио, кои почнуваат на 23 јули.
„Без разлика што ќе се случи во НБА-лигата, односно дали со Клиперс ќе стигнеме до посакуваната цел, јас останувам на планот да дебитирам на Олимписките игри кои ги чекам со нетрпение“, истакна Ленард.
Популарната Канџа со својот Клиперс е меѓу претендентите за титулата во НБА, па доколку неговата екипа стигне до големото финале и во случај да се игра мајсторка во седум натпревари, Ленард ќе има само два дена одмор пред да се пренасочи кон обврските со дрим-тимот на САД.
Предвидено е финалната серија во НБА-лигата, односно крајот на сезоната 2020/21, целокупно со евентуална мајсторка да се комплетира до 22 јули. Првиот натпревар на ОИ за САД е закажан за 25 јули против Франција, па уште на стартот на глобалниот спортски собир ќе гледаме спектакл.