Молдавија не го прима Косово на гости, УЕФА ги испрати да играат во Италија

Молдавија не го признава Косово како независна држава и нема да ги прими на гости на трети септември на стартот од новото издание на Лигата на нациите, па УЕФА пресече со одлука мечот да се игра во Италија.

Мечот ќе се игра на стадионот „Енио Тардини“ во Парма, како премиерен од групата во која се и Грција и Словенија.

За две недели треба да стартува второто издание на најновото натпреварување под капата на УЕФА, а веќе има многу проблеми.

Не е завршен премиерниот циклус на натпревари, во кој Македонија сè уште чека да се одигра полуфиналето токму со Косово од Сегментот Д на патот до европското првенство пролонгирано за следната година.

Дури ќе ни се случи и да одиграме два меча од второто издание на Лигата на нациите пред да го завршиме првиот турнус.

Македонија треба да игра со Ерменија во Скопје на 5 септември, а потоа и со Грузија на гости три дена подоцна во мечеви од Сегментот Ц. И ако се поклопи мозаикот, можно е повторно да играме со Грузијците, и тоа финале од ланското издание на Сегментот Д, во многу важен меч за настап на ЕП следната година.

За таква комбинација ни треба победа против Косово, а Грузија да ја совлада Белорусија. Победникот во финалниот меч ќе игра на ЕП 2020, што ќе се игра следната година.

- Оглас -

Најнови вести