Мораеш пред 8 години не ни беше ракометар, Вардар му го смени животот

Пред осум години, бразилскиот ракометер пикер Рожерио Мораеш Фереира како 18-годишно момче не беше професионален ракометар, но неговиот напредок е толку голем, што тој сега има две титули европски првак освоени со Вардар и е стандарден во националниот тим.

„Ракомет играв со другарите на училиште, но ништо сериозно. Како и секое дете во Бразил, се обидов со фудбал, но повеќе ме влечеше ракометот. Со часови гледав клипови на Јутјуб, ги гледав браќата Карабатиќ и Абало, а неколку години подоцна играв против нив“, раскажува Рожерио за своите почетоци.

Европската авантура ја почна во Кил, а во 2016 се пресели во Вардар, со кого двапати за три години ја освои Лигата на шампионите.

„Неверојатно беше, стартував од нула, а станав миленик на многу луѓе. Неверојатно беше чувството. На главниот плоштад во Скопје имаше 200.000 луѓе кои нè чекаа кога ја освоивме првата европска титула. Се чувствував како во рајот“, вели Мораеш, кој во 2019 замина во Веспрем.

Денеска Мораеш и Бразил играат против Унгарија, за која настапуваат негови соиграчи од Веспрем, а добро ги познава и останатите кои играат во унгарски клубови. Од унгарската репрезентација, само двајца играат во странски клубови.

„Ако победиме и ги запрам Унгарците, веројатно нема да бидам толку популарен во Веспрем. Се шегувам, фановите таму се супер, ме поздравуваат, како дома сум. Тие се полуди по ракомет отколку Бразилците по фудбал“, завршува Мораеш.

- Оглас -

Најнови вести