Може да биде Дебакл опен – Медведев го поддржува Ѓоковиќ и не се изјасни дали ќе игра на гренслемот во Австралија

Данил Медведев не се изјаснува точно дали ќе игра на Отвореното првенство на Австралија на почетокот на идната година и изјави дека го поддржува Новак Ѓоковиќ за принципот дека здравствениот картон и медицинското досие на секој човек и на спортистите треба да биде тајно.

Ѓоковиќ, кој одбива да се вакцинира засега, според ковид-правилата на Австралија, е далеку од настап на првиот гренслем во сезоната. Австралиската Влада донесе одлука само вакцинирани тенисери да можат да играат во Мелбурн од 13 до 30 јануари идната година.

Медведев не се изјасни дали примил вакцина за заштита од коронавирус, но има поента во изјавата.

„Секој спортист е подложен на огромни напори. Ние тенисерите играме еден на еден речиси секоја седмица од турнир на турнир и сме подложни на многу повреди. Таман работа ако треба да елаборираме јавно со некакво медицинско досие. Тоа треба да биде тајно и затоа принципелно ја почитувам одлуката на Новак.

Но, ако настапите на Отвореното првенство на Австралија, тогаш е јасно дека сте вакцинирани, или обратно, ако не играте, значи дека не сте. Одлуката на Австралија не е фер, вели Медведев.

И тој јасно не кажа дали ќе игра во Мелбурн на стартниот гренслем-турнир во сезоната што може да се претвори во дебакл ако и двајцата најдобри тенисери во моментов не настапат.

Токму тие двајца на почетокот на оваа година играа во финалето на Отвореното првенство на Австралија, а титулата ја освои Ѓоковиќ со победа од 3:0. И последното гренслем-финале беше меѓу нив двајцата, но во Њујорк на Отвореното првенство на САД славеше Медведев.

 

- Оглас -

Најнови вести