Може ли да се случи преседан, титулата на Формула 1 од 2008 година да ја поделат двајца пилоти?

Поминаа 15 години од тогаш, а поранешниот Формула 1 пилот Фелипе Маса уште не може да се помири со губењето на титулата во 2008 година, кога на драматичен начин првак стана Луис Хамилтон.

Бразилецот почна судски процеси со цел да му биде доделена титулата, а сега вели дека треба титулата да им биде поделена нему и на Хамилтон, без да му биде одземена на Британецот.

Маса, кој пред 15 години возеше за Ферари, обвини за заговор против него, не само поради контроверзната последна трка во Бразил, туку и за трката во Сингапур, кога имало манипулација од Рено на штета на Ферари.

„Најважното е да добиеме правда. Разбирам дека поминаа 15 години, но работиме на поништување на трката во Сингапур, правдата треба да преовладее и затоа ќе се бориме до крај. Треба да се проучи и поделбата на титулата. Не сум разговарал за ова лично со Хамилтон“, вели Маса.

Нелсон Пике јуниор на трката во Сингапур во таа 2008 година, по наредба од тимот на Рено, намерно се удрил во заштитниот ѕид за да има безбедносно возило на патеката и да му помогне на Фернандо Алонсо да победи на таа трка. Во моментот на судирот, Маса бил прв, но по појавувањето на безбедносното возило, морал да влезе во бокс и излегол како 13-ти, па се најде во поголема бодовна негатива во однос на Хамилтон, кој таа трка ја завршил на третото место.

На последната трка во Бразил, на Маса за титула му требаше победа, а Хамилтон да биде шести или послаб. Маса мина прв низ целта и почна да ја прославува титулата, но радоста траеше кратко, Хамилтон во последните кривини пред целта го престигна Тимо Глок и изби на петтата позиција, што беше доволно за титула со еден бод повеќе од Маса.

- Оглас -

Најнови вести