Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (18 часот) во Храдец Кралове го игра вториот пријателски натпревар од овој јунски циклус против селекции кои ќе настапат и на Европското првенство. Денешен ривал на нашиот национален тим е Чешка.
Македонија не одигра добар натпревар против Хрватска во Риека и загуби со 3-0, па сега и селекторот Благоја Милевски, а и јавноста очекуваат подобро издание против Чешка.
Милевски нема да менува многу кога е во прашање стартниот состав. Во првите единаесетмина треба да влезат Никола Серафимов во одбраната и Тихомир Костадинов во средниот ред.
За Чешка ова е последен натпревар пред заминување на Европското првенство. Селекцијата на Иван Хашек постигна седум гола против Малта (7-1) на претходниот тест, па сега ќе стартуваат најдобрите, оние на кои селекторот ќе смета и на првиот меч на ЕВРО 2024.
Натпреварот меѓу Чешка и Македонија се игра од 18 часот во Храдец Кралове.