Можните состави за најважниот меч во фудбалската историја на Македонија

Денеска е денот „Д“ за македонската фудбалска репрезентација, којашто против Португалија (20:45 часот) на „Драгао“ ќе го бара историскиот прв настап на Светско првенство.

Логично, по претставата на ЕП, нашите момци продолжуваат со добрите настапи на меѓународната сцена, а и да се загуби од Португалија со можеби и најдобриот фудбалер во историјата на овој спорт, Кристијано Роналдо, не е срамно.

Но, далеку од тоа дека на теренот излегуваме со бело знаме, а за разлика против Италија, очекуваме неколку промени во составот, а и смена на формацијата од 4-3-3 против Италија на 4-4-2.

Елиф Елмас ќе биде во нападот иако нема да биде најистурен, а најблиску до противничкиот голман ќе биде Алекс Трајковски. Во средината одиме со четворица играчи, од кои Стефан Ашковски ќе „оперира“ по десната страна, каде што ќе му помага на Стефан Ристовски, додека од спротива Бобан Николов ќе му дава поддршка на Алиоски во одбрана на нападите на брзите португалски крила.

Одбраната по одличната претстава во Палермо, очекувано, нема да биде подлежна на никакви промени.

Кај Португалците, пак, на голот се враќа Руи Патрисио, кој ќе биде на местото на Диого Кошта, кој бранеше на средбата проитв Турција.

Во одбраната доаѓа искусниот Пепе, којшто можеби заедно со неговиот дефанзивен колега, Жозе Фонте, се нашата најголема надеж за опасни контра напади.

Премиерлигашката средина од Бруно Фернандеш (Манчестер јунајтед), Жоао Мутињо (Вулверхемптон) и Бернардо Силва (Манчестер сити) изгледа моќно, а ништо послаб не е ниту нападот предводен од Кристијано Роналдо, кој е поддржан од опасните Диого Жота и Отавио.

Ако некој знае да ја постави нашата игра и да ги најде слабостите на Португалците, тоа секако е Благоја Милевски, а останува само нашите фудбалери максимално да ја одработат задачата, па вечерва по натпреварот да има уште поголемо славење на плоштадите низ Македонија.

- Оглас -

Најнови вести