Можно е „црно сценарио“ за Манчестер јунајтед: „Црвените ѓаволи“ мора да навиваат против англиските екипи во ЛШ и ЛЕ

Англиските екипи доминираат сезонава во европските натпреварувања. И во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа можни се англиски финалиња. Во елитната лига на УЕФА, Ливерпул и Тотенхем ќе бидат на мегдан против Барселона, односно Ајакс, додека во Лигата на Европа, во полуфиналето се Челзи и Арсенал.

Од сите четири англиски екипи кои останаа да се борат за европски пехар, само Ливерпул е сигурен дека следната сезона ќе игра во Лигата на шампионите, каде што ќе биде и Манчестер сити. Тотенхем, Арсенал и Челзи се во борба во која е и Манчестер јунајтед за двете преостанати позиции кои водат во ЛШ преку англиската Премиер лига.

Сепак, можно е четвртата позиција на табелата да не биде сигурна за место во ЛШ. Калкулациите велат дека доколку англиски екипи ги освојат Лигата на шампиони и Лигата на Европа, Манчестер јунајтед дури и да биде четвртопласиран на крајот, ќе мора да игра во Лигата на Европа, а не во елитата.

Тоа е така бидејќи најдобриот тим во Европа автоматски добива шанса за следната сезона да го брани тронот. Ако Тотенхем стане европски првак, може во Премиер лигата да биде или на петтото или на шестото место на табелата, но сигурно пак ќе игра во европската елита.

УЕФА го наградува и победникот во Лигата на Европа со место во ЛШ, па ако Челзи или Арсенал се радуваат на вториот по вредност пехар во Европа, тоа ќе биде и радост за влез во ЛШ. На тој начин и победникот во ЛЕ може да не биде меѓу првите четири во Англија, а пак ќе игра во ЛШ.

УЕФА максимум дозволува пет клуба од една земја во Лигата на шампиони, па ако Манчестер јунајтед заврши на четвртото место, а трофеите во ЛШ и ЛЕ завршат во витрините на англиски екипи, тогаш „црвените ѓаволи“ ќе извисат. Во иста ситуација може да се најде и некој од Челзи или Арсенал. На пример: ако Арсенал ја освои ЛЕ, а Тотенхем триумфира во ЛШ, Челзи и да биде на четвртото место во Премиер лигата, нема да игра во елитната лига на Европа.

Калкулации има многу, но бидејќи во фудбалот ништо не е невозможно, треба да бидеме подготвени за секакво сценарио.

 

- Оглас -

Најнови вести