Можно црно сценарио за во ЛШ: Многу мечеви може да завршат со службени 3:0

Утре започнува новата сезона од групната фаза во Лигата на шамионите, а според Европската фудбалска куќа (УЕФА), до 9 декември треба да се одиграат сите 96 натпревари. Ова е оптимистичка прогноза на УЕФА, ако се знае дека има помалку од два месеци за да се започнат и да се комплетираат дуелите во групната фаза.

Најголем проблем преставува пандемијата со корона-вирусот. Во последните 10-тина дена ситуацијата со вирусот се влошува низ цела Европа. Новите прописи се многу строги, па ако националните или локалните власти во одредена земја наметнат ограничување кое би се однесувало за тимот што треба да гостува, клубот кој е домаќин ќе мора да обезбеди услови за одигрување на натпреварот.

Според УЕФА, тоа ќе значи „предложување на алтернативно место“, со тоа што клубот кој е домаќин ќе треба да ги покрие сите трошоци за организација. Доколку некој клуб не успее да најде алтернативно место за играње или евентуално ако не се најде некој друг датум за играње на средбата, тогаш УЕФА најави дека гостите ќе забележат службена победа од 3:0.

Затоа од УЕФА пратиле допис до сите клубови во Лигата на шампионите и Лигата на Европа да си најдат алтернативен терен доколку не бидат во можност да играат на својот стадион.

Секој клуб кој има 13-мина здрави фудбалери ќе мора да настапи, дури и ако во клубот има поголем број заразени. Доколку некој клуб нема 13-мина здрави фудбалери, од кои еден мора да е голман, тогаш УЕФА ќе се обиде да најде алтернативен термин за играње, но и ќе дозволи регистрирање на фудбалери кои не се во списокот за мечевите на ЛШ. Ако и тоа не помогне, тогаш клубот кој не може да го одигра натпреварот, ќе загуби со службени 3:0.

Ако се знае дека низ цела Европа сè поголем е бројот на заразени фудбалери и во земјите се воведуваат рестрикции, може да се случи да има многу дуели кои ќе бидат регистрирани со службени 3:0.

 

- Оглас -

Најнови вести