Му нема рамен на Лилард – Постигна 51 поен и тројкашки рекорд во НБА (Видео)

Демиен Лилард игра во животна форма на почетокот на 2020 година и е клучен фактор за будењето на Портланд трејлблејзерс, екипа што бие битка за пробив кон позициите што гарантираат настап во плејофот.

Бекот на Портланд и ноќеска блескаше со 51 поен, а постави и еден рекорд во НБА со шест меча по ред на кои постигнувал најмалку шест тројки.

Ноќеска на Јута Џез и уфрли девет, а ја прокнижи и четвртата 50-ка, или плус поени сезонава во НБА. Портланд победи со 124: 107 што му е четврти успех по ред и се доближи до осмата позиција во Западната конференција на која моментно е Мемфис.

Уште една голема ѕвезда ноќеска имаше свое шоу за победа. Леброн Џејмс забележа нов трипл-дабл со учинок од 15 поени, 11 асистенции и 10 скока, предводејќи ги Лос Анџелес лејкерс до победа во Сакраменто од 129:113.

Чуден меч се играше во Сан Антонио, каде домашниот тим направи голем пресврт за неполни две четвртини. Против Шарлот популарните Мамузи губеа со 19 поени разлика на почетокот на третиот период и потоа и буквално го збришаа противникот за победа од 114:90. Хорнетс постигнаа само 27 поени во последните 24 минути од мечот.

Резултати: Л.А. клиперс – Минесота 118:106, Индијана – Њујорк 85:92, Орландо – Мајами 89:102, Кливленд – Голден стејт 112:131, Вашингтон – Бруклин 113:107, Бостон – Филаделфија 116:95, Далас – Атланта 123:100, Сан Антонио – Шарлот 114:90, Сакраменто – Л.А. лејкерс 113:129, Портланд – Јута 124:107. 

- Оглас -

Најнови вести