Жозе Мурињо во стил го одработи последниот меч на клупата на Бенфика за оваа сезона, откако гигантот од Лисабон со 3:1 победи на гости кај Есторил. Со оваа победа, Мурињо ја заврши сезоната без ниту еден пораз во португалското првенство, но сепак за Бенфика не може да се каже дека сезоната беше добра.
По 34 одиграни натпревари, Бенфика е единствениот тим без ниту еден пораз (23 победи и 11 нерешени), но сепак, на крајот заврши на третото место. Порто со два порази, но со собрани вкупно 88 бодови е првак, а Спортинг, истотака со два порази стигна до 82 бодови и е втор на табелата, пред Бенфика која освои вкупно 80 бодови.
Порто директно ќе игра во Лига на шампиони, Спортинг ќе игра во квалификациите од Лига на шампиони, додека непоразената Бенфика ќе мора да се задоволи со настап во квалиифкациите од Лига на Европа.
Мурињо со Бенфика можеби го одработи и последниот меч, затоа што многу веројатно е дека Специјалниот во најскоро време ќе биде промовиран во нов тренер на Реал Мадрид. На местото на Мурињо на клупата на Бенфика како прв фаворит е Марко Силва.
Првенството во Португалија заврши, сега останува да се види дали Мурињо ќе биде промовиран во нов тренер на Реал Мадрид, па тој сепак во новата сезона да биде дел од Лига на шампиони, додека Бенфика нема да биде дел од европската елита.

