Мурињо е кандидат за балканска лига, Тотенхем пак ќе биде гостин во регионов

Жозе Мурињо и неговите избраници од екипата на Тотенхем и по четврти пат сезонава ќе играат против екипа од Балканот во Лигата на Европа.

Ждрепката за осминафиналето што заврши предмалку сакаше популарните Спарс да играат против Динамо Загреб, најпрво на „Максимир“ на 11 март, а потоа и во Лондон 7 дена подоцна.

Аријан Адеми, кој е капитен на Динамо, и Стефан Ристовски со соиграчите ќе се обидат да приредат сензација за четвртфинале, но Тотенхем е фаворит и во овој циклус на натпревари потврди дека му лежат ривалите од регионот.

Во втората квалификациска рунда Тотенхем се извлече во Пловдив против Локомотив и славеше со 2:1. Екипата од Бугарија водеше со 1:0 во 80-тата минута, а Хари Кејн и Ндомбеле со два брзи гола за пет минути направија пресврт за пласман во третата рунда од квалификациите.

Таму ги чекаше Шкендија, а во Скопје премиерлигашот славеше со 3:1 за пласман во плејофот. Во завршната квалификациска рунда конечно не им падна ривал од Балканот, а во Лондон настрада Макаби Хаифа со пораз од 7:2.

Тотенхем имаше противник од Бугарија и во фазата по групи во Лигата на Европа, а двапати беше убедлив против Лудогорец. На гости Спарс славеа со 3:1 и дома со 4:0 и го освоија првото место во Ј групата пред Антверпен.

Во 1/16-финалето, избраниците на Жозе Мурињо го декласираа и австрискиот Волфсбергер со вкупен резултат од 8:1 и повторно сега ќе гостуваат на Балканот, во два дуели со Динамо Загреб.

 

- Оглас -

Најнови вести