Мурињо игра против Антверпен, а го закача Реал Мадрид: Бејл не е навикнат на нивото на организација што го има Тотенхем

Жозе Мурињо го закачи Реал Мадрид со изјава за Герет Бејл, повратникот во редовите на Тотенхем. Велшанецот направи камбек во редовите на Спарс ова лето и е член на премиерлигашот како позајмен играч од Реал Мадрид.

„Мислам дека Герет е презадоволен со нивото на организација во Тотенхем и не е навикнат на такво нешто“, изјави Мурињо, очигледно со порака за Реал Мадрид.

Португалецот беше тренер на Кралскиот клуб од 2010 до 2013 година и со взаемна спогодба си замина од Кралскиот клуб. Имаше и успеси, но и падови со Реал Мадрид, па разделбата не мина најдобро.

И Бејл имаше многу проблеми во Реал Мадрид особено лани, кога и речиси воопшто не играше. Пристигна во редовите на Кралскиот клуб во 2013 година токму од Тотенхем, за тогаш рекорден трансфер тежок 91 милион евра.

Велшанецот има сè уште важечки договор со шппанскиот клуб до 2022 година, но оваа сезона ќе ја мине на позајмица во својот стар клуб Тотенхем.

Вечерва од 18.55 часот Мурињо ќе го предводи Тотенхем од клупата против Антверпен во меч од Лигата на Европа, а се очекува Бејл да настапи на „Босуил“ во Антверп.

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести