Мурињо и Лотито се „закачија“: Што гледаш ти!? му рече едниот на другиот и страстите зовреа

Лацио ја победи Рома минимално со 1:0 во дербито на главниот град на Италија, а дуелот не можеше да помине без нервоза. Роџер Ибањез беше исклучен во 32-рата минута, па Лацио ја искористи бројчаната предност и даде гол.

Во финишот на мечот, судијата исклучи уште двајца фудбалери, по еден во двата тима, а нервозата продолжи и по завршувањето на дуелот. Додека сите си заминуваа кон соблекувалните, се случи мешаница пред соблекувалната на Рома.

Алесио Ромањоли славеше пред противниците, што наиде на реакција кај Манчини, а потоа се вмешаа тренерот на Рома, Жозе Мурињо, и претседателот на Лацио, Клаудио Лотито.

„Што гледаш ти!?“, му се развикал Мурињо на Лотито, а и првиот човек на Лацио не му остана должен и веднаш му врати на Португалецот: „Јас сум претседател на Лацио, а кој си ти? Ова е мојот дом и ти воопшто не треба да си тука“.

Тогаш се случил хаос, се вмешале повеќе луѓе, но, за среќа, немало поголем инцидент. Лацио со оваа победа се искачи на второто место на табелата со 52 бода, додека Рома остана на 47 бода и моментално е на петтото место во Серија А.

- Оглас -

Најнови вести