Мурињо и Венгер анализираа: Честитки за Клоп и Ливерпул, но ова не личеше на финале

Жозе Мурињо и Арсен Венгер вчера беа соговорници и аналитичари на „БеИн“ телевизијата за финалето во Лигата на шампионите. По мечот, Португалецот и Французинот јавно му честитаа на својот колега Јирген Клоп кој по три обиди конечно ја освои својата прва европска титула, но не испуштија да го критикуваат целокупниот настап на двете екипи.

Мурињо, исто како и Венгер, смета дека финалето не ги оправда очекувањата, особено поради дефанзивната тактичка поставеност на фудбалерите во црвени дресови.

„Мило ми е за мојот колега Јирген, конечно се закити со европско одличје. Сите заслуги за успехот на Ливерпул се негови, но исто така морам да потенцирам дека го „убија“ финалето. Постигнаа два гола, но нивната игра беше просечна, сосема различно од она што го покажуваа во текот на целата сезона. Рано постигнаа гол и се фокусираа на дефанзивата. Единствената разлика е што оваа година Ливерпул имаше голман кој одговори на предизвикот за разлика од лани. Не е дека Тотенхем создаде многу шанси или пак испушти 100% прилики да израмни, но неколку сигурни интервенции на Алисон беа клучни за победата. Невообичано средниот ред на Ливерпул делуваше поповлечено, така што противникот немаше многу простор да се закани. Според мене, ова не личеше на финале во Лигата на шампионите. Дури и да се играше во рамки од Премиер лигата, или пак куп-натпревар, ќе кажевме дека мечот не беше убав за гледање“, истакна Мурињо, претходно согласувајќи се со анализата на својот постар колега Венгер.

 

- Оглас -

Најнови вести