Мурињо си замина, Бејл лета на терен – Тотенхем сака да го задржи Велшанецот уште една сезона

Тотенхем сака да го задржи Герет Бејл уште една сезона како позајмен играч од Реал Мадрид, па најавени се преговори меѓу двете страни.

Секако ќе треба и согласност од велшкиот репрезентивец, кој блеска во дресот на Тотенхем откако си замина Жозе Мурињо. Под команда на привремениот тренер на Спарс, Рајан Мејсон, Бејл е стартер и возврати за довербата со четири гола на два меча.

Постигна хет-трик во последното коло против Шефилд јунајтед, а беше стрелец на еден гол и на дуелот со Саутхемптон во претходната рунда во Премиер лигата.

Кај Мурињо добиваше малку шанси да биде стартер, па ефектот под негова команда му е пет гола, или речиси ист како за два меча под команда на Рајан Мејсон.

Раководството на Тотенхем сè уште не донело одлука дали Мејсон ќе добие шанса подолгорочно да го води тимот или ќе именува друг тренер, но јасно е дека сакаат Бејл да остане со позајмица од Реал Мадрид за уште една сезона.

 

- Оглас -

Најнови вести