Жозе Мурињо имаше неславно деби во римското дерби откако неговата Рома со 3:2 загуби од Лацио на „Олимпико“. Португалскиот стратег е првиот тренер на Рома по пауза од 10 години што го губи првото градско дерби.
Лацио по првите 20 минути даде два гола и најави дека ќе дојде до победа, а Мурињо смета дека Рома бил подобар тим, но дека судиите биле на страна на противникот.
„Нема да ви откријам што им кажав на играчите по мечот. Ова беше еден фантастичен меч, кој, за жал, беше уништен поради судиите и ВАР-системот, кои не беа на неопходното ниво. Наместо да биде 1:1, Лацио поведе со 2:0. Лукаш Леива требаше да добие втор жолт картон, па ако Лацио останеше со играч помалку, друг ќе беше текот на играта. Пелегрини беше избркан, а Леива не. Мислам дека бевме подобар тим, но кога ќе се примат три гола, јасно е дека си направил грешки. Му создадовме многу проблеми на Лацио, но судијата не ни дозволи да победиме“, рече Мурињо.