Муслиу, Елмас, Ристовски и Тренчовски дел од најдобрите во изборот на ФФМ

Висар Муслиу ја доби наградата за најдобар фудбалер во македонското првенство за сезоната 2018/19 во изборот на Фудбалската федерација на Македонија. Македонскиот репрезентативец ја предводеше Шкендија до титулата во првенството и ја доби наградата која му ја додели селекторот на младата фудбалска репрезентација, Благоја Милевски.

„Голема благодарност до ФФМ, до мојот некогашен клуб Шкендија и до моите поранешни соиграчи кои се заслужни што ја добив оваа награда. За репрезентацијата ќе кажам само едно, а тоа е дека сега е наше време“, рече Муслиу по добивањето на наградата.

Во изборот за најдобар тренер, признанието му припадна на Југослав Тренчовски од Академија Пандев. Тренчовски со струмичкиот тим се радуваше на титулата во Купот на Македонија.

„Оваа награда ја посветувам на моите фудбалери, а, секако, благодарение до сите во клубот, како и до Горан Пандев, но и до моето семејство“, рече Тренчовски.

Елиф Елмас, играчот на италијанскиот калчолигаш Наполи, беше прогласен за најдобар репрезент на македонскиот фудбал во странство, додека за придонес за развој на репрезентивен фудбал признание доби Стефан Ристовски од Спортинг Лисабон.

Меѓу наградените од ФФМ беа и: стрелец: Влатко Стојановски (Ренова), судија: Марјан Гоцевски, фер плеј–екипа: Академија Пандев, клуб-младинци: Шкендија, играч-младинец: Џемаил Ибиши (Вардар), стрелец–младинец: Флорент Рамадани (Шкендија), тренер-младинци: Филип Деспотовски (Вардар), играч- женски фудбал: Ленче Андреевска (ЖФК Драгон), стрелец во женски фудбал: Ели Јаковска (ЖФК Истатов), тренер во женски фудбал: Илија Мандаров (ЖФК Драгон), играч-футсал: Таулант Исмаили (Шкупи), тренер-футсал: Зоран Лекиќ (Шкупи), признанија за посебен придонес: Албрим Ќира (Струга ТЛ) и Кочо Анѓушев (Борец), придонес за афирмација на макфудбалот: Ивана Пројковска, признание: ФК Дарданет, признание: Љупчо Перински, награда за животно дело: Атанас Костовски, Постхумно признание: Слободан Брацо Вујчиќ, посебна награда: Македонија У-19.

- Оглас -

Најнови вести