Висар Муслиу, 26-годишниот стопер на Македонија и на унгарскиот МОЛ Фехервар, летово го очекува чекор напред во кариерата откако неколку екипи покажаа интерес за неговите услуги.
Муслиу добро се покажа на Европското првенство, па го привлече вниманието на Џенова, каде што би можело да игра заедно со Горан Пандев доколку македонската икона прифати да го продолжи договорот. Втората опција наводно е Реал Бетис, а со евентуална преселба во Шпанија би се создала македонска колонија во Ла Лига, каде што веќе се Енис Барди во Леванте и повратникот во елитата, Столе Димитриевски со Рајо Валјекано.
Кардиф, англискиот второлигаш, е последниот клуб кој се распрашува за услугите на Муслиу, а за МОЛ Фехервар да го пушти нашиот дефанзивец да си замине, наводно се потребни околу четири милиони евра.
Каков избор и да направи, Муслиу нема да згреши, а за него би бил втор трансфер во странски клуб во неговата кариера бидејќи пред да замине за Унгарија, играше во домашното првенство за Шкендија, Вардар и Ренова.