МЗТ бара голема поддршка и хуманост од своите навивачи

Утрешниот натпревар (18 часот) помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Сплит од АБА 2 лигата ќе има и хуманитарен карактер, со тоа што сите присутни во салата ќе може да донираат средства за лекување во странство на Борче Цветановски.

Цветановски е татко на голем навивач на МЗТ и член на „Фемили“, а дијагностицирана му е ретката болест Амилоидоза, за која нема лек во Македонија. Влезот во салата ќе биде слободен, но ќе се постават кутии за донации и присутните ќе може да искажат хуманост и да помогнат за скапото лекување во странство.

„Наша цел е да победиме. Имаме противник со искусни поединци и не смееме да им дозволиме да наметнат нивен стил на игра, туку треба да бидеме агресивни од самиот почеток. Ако ги исполниме задачите и ако останеме доследни на планот од соблекувалната, убеден сум дека ќе дојдеме до двата бода“, најавува плејмејкерот Лестер Медфорд.

Тренерот на Сплит, некогашниот хрватски репрезентативец Владимир Анзуловиќ, потсети дека МЗТ лани играше во главната АБА-лига и има амбиции и голема желба да се врати во елитата. Добро му е познат и Хрватот Иве Иванов, кого го има тренирано две години, а некомплетни дојдоа во Скопје, па тешко ќе им биде против МЗТ.

- Оглас -

Најнови вести